Уште чадат просториите на Основниот суд Куманово, каде ноќеска по полноќ изби пожар, кој ги зафати подрумските простории со дел од архивата.
Седум пожарникари интервенирале со две противпожарни возила, соопштија од ЦУК. Нашиот репортер од терен јавува дека пожарот е локализиран, но се уште чадат просториите, а чадот се гледа и во воздухот. Пожарникарски тимови се уште се наоѓаат на местото . Нема повредени.
Претседателката на судот Снежана Манева за Телма утринава потврди дека е регистриран пожар во подрумскиот дел во една од просториите. Во тој дел на судот се наоѓа архива од предмети од минатото.
Не знаеме засега кои се причините, дали е подметнат или е од електрична инсталација. Тоа ќе покаже истрагата. Зафатена е една подрумска просторија, ни рече Манева.
Во зградата се наоѓа и основното јавно обвинителство како и неколку јавни претпријатија. Судот во Куманово се наоѓа во непосредна близина на полициската станица и на зградата на општина Куманово.