Судот во Бања Лука ја осуди 58-годишната поранешна директорка на Педагошкиот институт на Република Српска на две години затвор, прогласувајќи ја за виновна за обид за убиство на својата шефица, на која и ставила отровни материи во кафето.

Како што објавија локалните медиуми во Босна и Херцеговина, Нина Нинковиќ, сегашната просветна инспекторка, е осудена за кривично дело опишано како обид за убиство, но таа треба да ги плати и трошоците за судењето во износ од нешто помалку од две и пол илјади евра.

Претседателот на судскиот совет на Окружниот суд, Благоје Драгосављевиќ, образложувајќи ја пресудата рече дека во текот на постапката било докажано дека Нинковиќ во два наврати истурала отровни материи во кафето што требало да го испие нејзината шефица Слаѓана Танасиќ.

Тоа го направила така што упаднала во канцеларијата што ја користела Танасиќ кога не била таму, но истрагата утврдила дека во кафето прво истурила хемиска супстанца што се користи како средство за чистење, а вториот пат отров против мравки.

Ниту еден од обидите за убиство не успеал бидејќи Танасиќ одлучила да не го пие отруеното кафе поради чудниот мирис.

Делото на лице место е целосно докажано благодарение на надзорните камери поставени во внатрешноста на Педагошкиот завод, но мотивот за обидот за убиство биле конфликти од деловен карактер. Нинковиќ наводно била незадоволна од деградирањето на работното место по разрешувањето од директорската позиција. Таа има право на жалба на пресудата, како и на одлуката за продолжување на притворот во кој се наоѓа од декември минатата година.