Властите на Крит предупредуваат на зголемено присуство на отровни риби кои може да предизвикаат дури и ампутации на делови од човечкото тело.
Рибарите изразуваат голема загриженост и за зголемувањето на популацијата на сребрена пуферица во водите на Додеканез и на Крит и велат дека се загрозени риболовот и туризмот. Напливот, кој првпат беше забележан пред 20 години, се заканува да го оневозможи риболовот тотално, а рибарите ја повикуваат државата и регионот на Крит да ги информираат туристите да бидат внимателни и во исто време да ја финализираат „борбата со рибите“, бидејќи штетите на морската средина веќе се огромни!
Јанис Андрулакис, претседателот на префектурата Ираклион, наведува дека се забележани голем број несреќи предизвикани од сребрената пуферица, која потекнува од Индискиот Океан.
„Веќе им кажавме на властите од регионот на Крит да ги информираат туристите бидејќи се агресивни. Тие можат да се појават на 20 места низ Крит и да дојдат до глуждот на капачите. Се сеќавате ли на случајот со детето во Сити кој беше каснато пред година и пол? Детето мораше да се оперира. Имавме уште еден случај на Калимнос…Досега имало осум несреќи. Ова се само случаите за кои се слушна, верувам дека таму се многу повеќе, но демек ги кријат за да нема штета на туризмот“, тврди Андракулис.
Директорот за истражување во националната лабораторија, Горгос Церпес, исто така потврдува дека имало напади врз капачите.
“Некои напади завршуваа со ампутација. На пример, сребрена пуферица му откина парче прст на маж додека пливаше. Сме имале и такви ситуации. Човек може да види нешто како свети и се движи. Затоа е добро да се внимава додека се плива“, вели тој.
Оваа риба стигна до Медитеранот преку Суецкиот канал.
Да потсетиме, станува збор за исклучително отровен и смртоносен вид, кој во мускулите, гонадите, црниот дроб и кожата содржи силен термостабилен отров, тетродотоксин. Неговата консумација е забранета во земјите на ЕУ, но во Јапонија тоа е гастрономски деликатес познат како „фугу“, кој се подготвува по посебни процедури поради неговиот смртоносен отров. Се верува дека овој термостабилен отров е неколку стотици пати посилен од цијанидот.