Трагичен беше вчерашниот празничен ден за семејство од прилепското село Канатларци. Во тешка сообраќајна незгода на враќање од Крушево животот го загубија 33 годишна мајка и нејзиното 10 годишно дете.
Несреќата се случи околу 17 часот на 2 август кога патничко возило „алфа ромео“ со прилепска регистрација, излета од коловозот кај местото Студена вода на патот Крушево -Кривогаштани.
Младата жена веднаш по несреќата е пренесена во Општата болница во Прилеп, каде им подлегна на повредите, додека 10 годишното момче било препратен на Скопските клиники, но почина при транспортот.
35 годишниот возач, инаку сопруг и татко на загинатите и уште две деца на брачниот пар, на возраст од 11 и 12 години, се здобиле со тешки телесни повреди. Во официјалното соопштение од МВР се вели дека несреќата се случила во 17 часот.
„На 02.08.2023 во 17.00 часот било пријавено дека на регионалниот пат Крушево-Кривогаштани, на место викано „Студена вода“, патничко возило „алфа ромео“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од С.С.(35) од с.Канатларци, прилепско, излетало надвор од коловозот. По несреќата во Општата болница Прилеп биле пренесени сопатниците Џ.С.(33) од с.Канатларци, која во болницата им подлегнала на повредите, и малолетен сопатник кој бил препратен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, но при транспортот починал, а смрт констатирал лекар. Додека со тешки телесни повреди се здобил возачот и уште двајца малолетни сопатници. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Крушево.“ се вели во соопштението од МВР.
На местото на настанот извршен е увид, по што ќе се утврдуваат причините за оваа страотна сообраќајна несреќа во која животот го загубија 33 годишна жена и нејзиното 10 годишно дете.