Службата за цивилна заштита на Словенија, поради најавеното невреме, издаде синоќа наредба со која целиот нејзин систем се става во состојба на готовност, вклучувајќи ја и војската.
„Целта е што побрзо да можат да реагираат и да им помогнат на општините. Складиштата за опрема и материјали се полни ако има недостиг“, порача командантот на цивилната заштита Среќко Шестан.
Од синоќа, па сè до сабота наутро, над Словенија ќе се формираат појаси на обилни дождови, а врнежите ќе засилат на горските бариери на западна и јужна Словенија и над Горски Котар. Ветерот потоа обилните врнежи ќе ги носи и над централна и источна Словенија.
Северната страна на Алпите веќе ја погодил осетно постуден воздух, кој во следните денови постепено ќе се спушта во словенечките места, а посилни врнежи се очекуваат ноќеска, до сабота наутро.
Во соопштението на словенечкото министерство за животна средина се наведува дека има можност да дојде до излевање на реките.
„Реките на истокот на земјата уште сега имаат три пати поголем проток од вообичаениот, па тие силно ќе надојдат, особено во ноќта меѓу четврток и петок“, порача министерството.