Неколку лица се повредени од истрели од огнено оружје вечерва околу полноќ, во центарот на Приштина, во познат локал, јавуваат косовските медиуми. Според медиумите, дури 17 лица се повредени, а 7 од нив имаат повреди од огнено оружје. Едно лице е во многу тешка состојба и моментално е на операција, лекарите се обидуваат да го спасат неговиот живот.

Според изворите од местото на настанот на порталот „Репортери.нет“, тепачката меѓу двете групи започнала надвор од локалот, која потоа продолжила во внатрешноста на локалот, каде што се пукало. Соопштено е дека од истрелите се повредени неколку лица, додека еден од нив е во тешка состојба. Сведоците виделе како Брзата помош ги одвела повредените да ги испрати на лекување.

Полицијата целосно ја блокирала областа, вклучувајќи ја и улицата „Луан Харадинај“.

За случајот преку известување се изјасни и косовската полиција: „Околу 23 часот и 30 минути во кафеана на улицата „Реџеп Луци“ во Приштина биле пријавени истрели од огнено оружје. Полицијата веднаш излегла на местото на настанот и од првите информации се сомнева дека има повредени од огнено оружје, па дури и од фрагменти од стакло. Додека повредените се испратени на неопходна лекарска помош, полицијата продолжува со работа, односно увид на местото на настанот како и со други оперативно-истражни дејствија“.

Во моментов, најмалку двајца осомничени се идентификувани како вмешани во случајот, додека се работи и на идентификување на други можни осомничени.