За време на денешната изјава за медиуми на претседателот на Независниот синдикат на полицијата Гоце Делчев, новинарската Александра Дуковска физички го нападна синдикалниот лидер и полесно го повреди. Дуковска го напаѓа и удира Делчев викајќи – „зошто ме следиш, кој си ти“. Камерите на некои телевизии го регистрираа овој инцидент. Не се знаат причините поради ваквиот инцидент.

„Додека во цел свет новинарите се тие кои се напаѓани, во Македонија, агресивнa новинаркa го нападна претседателот на Независниот синдикат на полицијата. Го губи ли некој трпението и со физички напад се обидува да го заплашат независното синдикално постоење“, објави Делчев на својот фејсбук-профил.

Здружението на новинарите на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари на Македонија порачаа дека треба да има нулта толеранција за секаков вид на насилство. „По повод денешниот инцидент во рамки на настанот на полициските синдикати ЗНМ заедно со ССНМ остро го осудуваат секој вид на насилство од која страна и да доаѓа. Повикуваме на смиреност на страстите, јавноста ја замолуваме да се воздржи од коментари и реакции и бараме проблемот да се реши институционално“.

Неодамна Дуковска во Владата на конференција за медиумите на министерот за економија Крешник Бектеши влезе во вербална расправија со министерот за употребата на официјалното име на Македонија. И тогаш и денеска остана нејасно за која редакција работи Дуковска, дали е слободен новинар или само член на ЗНМ.