Фриленсерката (слободен новинар) Александра Дуковска бара да се почитува и нејзината вистина негирајќи дека прва го нападнала претседателот на Независниот полициски синдикат, Гоце Делчев. Таа во својот допис демантира дека физички атакувала врз Делчев, и бара извинување за изнесените невистини упатени на нејзина адреса.
„Дали викање помош, помош е некаков напад или се плашите дека ќе Ви го ревидирам статусот на новинари? Од видеото се гледа дека човекот кој уредно беше снимен, пренесен со став, ме удира. Од Вас како иницијатива медиумска, а дали сте или не, тоа други нека Ве оценуваат, очекувам јавно извинување за нанесување и изнесување на клевети“, пишува таа во реакцијата, жалејќи се дека не била побарана за да се чуе и нејзината верзија.
Дуковска тврди дека веќе подолго време е цел на физички и вербални напади. Вели дека ги алармирала обвинителството и полицијата, но на нејзините укажување ниту една од институциите не реагирала.
Таа има забелешка и за новинарската работа и за начинот на кој е презентиран нејзинот ангажман како фриленсер и сопственик на јутјуб канал.
„Јавниот простор е отворен за граѓанско новинарство, кога медиумскиот голем простор е затворен за образовани лица. Од што се плашите? Од индивидуална иницијатива без корупција? Од индивидуална новинарска работа?“, пишува Дуковска.
Во дописот, таа потврдува дека не е член на Здружението на новинари на Македонија, објаснувајќи дека не може да биде член на оваа организација поради името. Потсетуваме дека причина за вербалниот конфликт со министерот за економија Крешник Бектеши беше нејзината забелешка дека тој не го користи уставното името на државата.