Прекинот на струја го потопи Миконос во темнина синоќа, а стотици туристи беа принудени неколку часа да се задоволат со батериски ламби и свеќи, јавуваат грчките медиуми.
Миконос повеќе од два часа беше остана во темнина поради технички дефект, а туристите се обидуваа да ја продолжат забавата и да се шетаат низ мрачните улички во Матогијанија и Мала Венеција.
Со најголем проблем се соочија угостителските објекти кои беа во тотален шпиц и со кујни под „полна пареа“. Некои пак беа посреќни, затоа што седеа во локали што имаше генератори.
„Околу 21 часот и 45 минути, поради некаков технички дефект на мрежата, дошло до прекин на електричната енергија што зафати 2/3 од Миконос и траеше нешто пред полноќ. Очигледно најпогодени беа некои деловни субјекти, кои останаа без струја во време кога нивните локали имаа многу работа“, вели Хераклис Зисимопулос, претседател на Здружението на бизнисмени од Миконос.
Всушност, како што велат жителите и бизнисмените на островот, ова не е првпат да има прекини во електричната енергија. Според зборовите на локалното население, прекинот се случил бидејќи вчера на островот било претопло и биле вклучени сите климатизери.
„Сепак туристите го сфатија тоа главно романтично, некои улички на Миконос беа целосно темни, па се движеа со мобилни телефони, со батериски ламби, продавниците ставаа свеќи, некои што имаа генератори пуштаа музика. „Добро, тоа беше нешто со кое странците се забавуваа, прашуваа колку ќе трае затоа што ги загрижуваше дали ќе имаат климатизери“, додаде Зисимопулос.
Но освен прекинот на струјата, туристите претходната вечер се соочија и со уште еден проблем. Во петокот вечерта старото пристаниште беше преплавено со канализација која стигна и до продавниците, додека рестораните и кафулињата беа празни.
Канализацијата ја поплави и плажата на Платис Гиалос во саботата наутро, каде нечистотијата и смрдеата ги избркале сите од лежалките. Како што се жалат жителите и агенциите, проблемот со одводниот систем е хроничен.