„Ив Рошер“ планира во следните неколку месеци да ги затвори сите свои продавници во Германија, Австрија и Швајцарија. Познатиот француски бренд на природна козметика, основан во 1965 година во Ла Гасил од страна на францускиот визионер Ив Рошер, веста за затворањето ја објави во четвртокот во Штутгарт, каде се наоѓа седиштето на овој трговски синџир за Германија.
„Ив Рошер“ ќе продолжи со онлајн продажбата, па не е сигурно дали компанијата го допрела дното, т.е. е зрела за стечај, но со затворањето на продавниците се погодени стотици вработени.
„Со постоечкиот бизнис модел, Ив Рошер повеќе не може да работи одржливо и успешно. Продавниците ќе бидат постепено затворени во наредните месеци“, објавија од продажните централи за германското говорно подрачје во Штутгарт. Според претходните информации, компанијата има околу 140 продавници во земјите од германско говорно подрачје. Со затворањето на подружницата ќе бидат погодени 350 вработени, се вели во соопштението на овој козметички бренд.
Експертите посочуваат дека главната причина зошто расте бројот на фирми кои отпуштаат во Германија е резултат на тензиите на европскиот континент.