Првостепениот суд при определувањето на видот на кривичната санкција и одмерувањето на нејзината висина, во недоволна мера ги ценел олеснувачките околности кои постојат на страна на обвинетиот Ангелче Николов и му одредил превисока казна. Ова сумирано се причините поради кои Апелациониот суд му ја намалил затворската казна од 18 на осум години на велешанецот Николов кој во декември минатата година под дејство на алкохол и возејќи побрзо од дозволеното, на пешачки премин ја усмрти 11-годишната Магдалена и ја повреди нејзината мајка, по што побегна од местото на настанот.
Апелација ја објави пресудата којашто ја донел на 12 јули и ја образолжува на повеќе од 10 страници. Второстепениот суд кој донесе конечна одлука и ја намали повеќе од двојно затворската казна, образложува дека ја прифатил жалбата на обвинетиот во делот дека казната е превисока, а даденото признание на вина не го земал предвид за што Кривичниот суд сторил суштествена повреда бидејќи признанието било дадено доброволно и свесно и обвинетиот се извинил пред присутните во судницата, а со тоа придонел за побрзо и поефикасно завршување на постапката.
-Судот не ги земал во предвид ниту семејните прилики на истиот дека истиот нема оформено семејство, не е женет и дека има …….. години со што казната ќе му влијае на иднината, а првостепениот суд поголемо значење дал на отежнителните околности, а со оглед дека има загинат брат во сообраќајна незгода истиот е свесен за последиците кои се предизвикани на оштетените како и за психичката и физичката болка кои ја трпат за загубата на нивното дете, и истиот смета дека со изречена поблага казна ќе се постигне целта на казнувањето во иднина да не врши вакви или слични кривични дела, како и по однос на забраната за управување со моторно возило смета дека казната е превисоко определена, па истите ги прифати за основани, се вели во дел од образложението на пресудата.
Одбраната на обвинетиот, кој официјално е безимотен, невработен и повремено работел како надничар, во дел од жалбата наведува дека обвинетиот многу се кае за стореното, дека пред две години во сообраќајка загинал неговиот брат, а пред кратко време ја изгубил неговата мајка.