Плажата Rocky beach кај Утјеха во близина на Бар во Црна Гора стана епицентар на скандал откако сопственикот на плажата избркал семејство бидејќи ќерката носела хиџаб.
Инцидентот, кој е снимен, предизвика огорченост и критики во јавноста, истовремено отворајќи прашања за толеранцијата и еднаквоста на црногорското крајбрежје, пишува Санџакпрес.
Семејството дошло на плажа да ужива во сончањето и морските радости. Но, ситуацијата наеднаш се влошила бидејќи сопственикот на плажата интервенирал и покажал нетрпеливост кон носењето хиџаб. На видеото, јасно се слуша дискусија меѓу сопственикот на плажата и семејството, при што сопственикот изјавил: „Затоа што мразам муслимани“.
Ваквата изјава предизвика остра реакција кај присутните и негативни коментари на социјалните мрежи. Како што многумина истакнаа, плажата често привлекува посетители од муслиманската заедница, особено Бошњаци и Албанци. Надлежните служби на Црна Гора се уште не реагирале на овој инцидент, но се очекува јавноста да побара да се истражи оваа ситуација и да се преземат соодветни мерки за да се обезбеди еднаквост и почитување на различните идентитети на црногорското крајбрежје.
Останува да се види како понатаму ќе се развива ситуацијата и дали овој инцидент ќе поттикне поширока дискусија за толеранцијата, различностите и правата на верските малцинства во Црна Гора, пишува Санџакпрес.