Навивачот на АЕК бил избоден до смрт во големите нереди што се случија ноќеска во Атина меѓу навивачи на атинскиот клуб и Динамо Загреб пред вечерашниот дуел во третото квалификациско коло за фудбалската Лига на шампиони, информира грчката полиција.

Во големата физичка пресметка во близина на стадионот „Опап арена“, во атинската населба „Нова Филаделфија“, се повредени осум лица од кои тројца Грци и пет Хрвати. Упасени се 96 лица, а 12-годишно девојче се бори за живот по ударите со камен од, како што пишуваат грчките медиуми, навивачи на Динамо.

„Пред стадионот се случија сериозни инциденти. Млад Грк е избоден до смрт, а шест други лица се повредени и сè уште се во болница“, информира грчката полиција.

„Во нападот загина 29-годишниот Михалис Кацурис, навивач на АЕК, кој случајно се нашол во областа повторно полнејќи ги со крв грчките трибини во уште една трагедија за грчките навивачи“, пишуваат утрово грчките медиуми.

Убиениот грчки навивач

Во главниот град на Грција, според тамошните медиуми, пристигнале околу 200 навивачи на хрватскиот клуб и покрај забраната на УЕФА за организирано патување на гостински фанови. Тие, сепак, се самоорганизирале и со приватни автомобили влегле во Грција. Тие биле забележани од полицијата и ставени на режим на „дискретно следење“. Но, постојат сомнежи дека, сепак, успеале да излезат од полициска контрола благодарение на навивачката група „Гејт13“ на Панатинаикос кој е во „братски“ односи со „Бед Блу Бојси“.

Двете групи наводно се сретнале кај станицата „Ирини“ за потоа, заедно со воз, да отидат со станицата „Пефкаки“ од каде се упатиле пеш кон стадионот на АЕК. До „Опап арена“ се движеле во мали групи и по различни рути, а кога стигнале пред стадионот почнале да демолираат се што им било на патот. И покрај најавите дека УЕФА е можно да го одложи натпреварот, сепак истиот ќе се одигра вечерва во планираниот термин од 20:45 часот.