Истрагата на грчката полиција се обидува да го идентификува сторителот на убиството на 29-годишниот Михалис Кацурис, кој беше смртно ранет доцна синоќа пред стадионот на неговиот омилен тим АЕК од, како што првично беше објавено, хулигани на Динамо Загреб. Полициски извори во изјава за protothema.gr велат дека истрагата оди во сите правци и дека е можно сторителот на убиството да не е Хрват, туку Грк.
„Истрагата е во тек и дури се разгледува можноста сторителот да е Грк. На некои од видеата снимени во времето на настаните, може да се слушне како хулиганите зборуваат грчки и кажуваат фрази како „ајде да ги решиме“. Така, се разгледува и оваа можност, без ништо досега да е сигурно“ велат истите извори.
Воедно, полициските службеници кои го водат случајот пристапија кон земање на генетски материјал од сите уапсени, бидејќи тоа може да доведе до идентитетот на сторителот на убиството.
„Најверојатно меѓу уапсените е и сторителот, но има и луѓе кои избегаа и можеби се вмешани во убиството. Главно е да се најде оружјето со кое е извршено делото или примероци од ДНК во близина на раната, во комбинација со сведоштва да се открие идентитетот на лицето што го извршило кривичното дело“, посочија надлежни од грчката полиција.
Со ова се потврдуваат информациите објавени во хрватските медиуми вечерва, според која полицијата има отпечатоци од убиецот, а тој наводно е Грк. „Според неофицијални информации, полицијата има отпечатоци од убиецот, а тој наводно е грчки државјанин“, откри репортерот на ТВ Дневник Нова.
– Се е сосема лудо, владее вистински хаос. Се разбира, не во конкретна смисла, не се случуваат нови немири, туку во главите на луѓето. Коментарите се изненадувачки негативни, многумина бараат некаква „одмазда“. Се заедно има дополнителна широчина бидејќи приказната вклучува навивачки групи и „структури“ од Србија со кои оние од Хрватска и Грција се или во братски или во „воинствени“ односи.
– Навивачите на Панатинаикос се во добри односи со оние од Динамо, ПАОК се со оние од белградски Партизан, Олимпијакос со Црвена звезда. Нации, религии, „идеолошки предзнаци“ и така натаму и така натаму… Сето тоа заедно веќе нема никаква смисла, заклучи Мазиас.
За потсетување, полицијата приведе 98 лица, повеќето Хрвати, но меѓу нив има и грчки државјани, односно навивачи на Панатинаикос со кои навивачите на Динамо се во пријателски односи. Но, ова се уште се неофицијални информации. Сите приведени во среда ќе излезат пред судија, кога ќе дознаат дали ќе бидат пуштени на слобода или ќе бидат испратени во истражен затвор од еден месец.
Во меѓувреме, полицијата продолжува со темелните проверки и апсења на Хрватите во Атина, но и на оние кои се обидуваат да ја напуштат земјата, од граничните премини, каде што се дадени строги наредби да бидат претресени со големо внимание.