Нермин Сулејмановиќ кој денеска во Градачац изврши тројно убиство меѓу кои жртва е неговата невенчана сопруга, пред три дена е пријавен за семејно насилство. Ова денеска го соопшти обвинителството на кантонот Тузла.

Портпаролот на оваа судска институција Адмир Арнаутовиќ при официјалното обраќање до јавноста рече дека Сулејмановиќ и претходно и бил познат на полицијата и обвинителството.

„Станува збор за лице кое повеќе пати е осудувано за различни кривични дела. Тој е осуден пред околу 15 години за обид за убиство. Има повеќе пресуди за насилничко однесување и загрозување на безбедноста“, рече Арнаутовиќ.

Тој потврди дека Сулејмановиќ имал пријави за семејно насилство.

„Има такви пријави. Но, она што треба да го кажеме е дека секогаш се користеле придобивките од законот, односно се одбивало сведочење поврзано со ова кривично дело семејно насилство. Значи, станува збор за лице со повеќекратна осуда кој е веќе познат на полицијата и обвинителството“, рече Арнаутовиќ.

На новинарско прашање дали е вистина дека Сулејмановиќ вчера (четврток) бил пријавен во полиција за семејно насилство, Арнаутовиќ рече:

„Не беше вчера, туку пријавата беше поднесена пред три-четири дена, а кога почнавме да го документираме тој настан, се искористија придобивките од законот, односно можноста да не се сведочи, па кривичната пријава за семејно насилство беше само документирана“, објасни Арнаутовиќ.