Вчера е приведен еден од бранителите на Македонија во конфликтот во 2001 година, член на Достоинство, партијата чиј претседател е генералот Стојанче Ангелов. Генералот жестоко реагира на овој непромислен потег на македонските власти против бранителот Миле. Реакцијата на Ангелов ја пренесуваме во целост:

„Македонски бранител осуден на смрт, И тоа не на смрт со стрелање, не на смрт со бесење, не на смрт со отровна инекција или електрична столица. Не, бидејки кај нас смртната казна е забранета со Устав.

Бранителот Миле е осуден на смрт со три годишна казна затвор. Само затоа што во неговата викендица, веднаш по неговото пензионирање, му нашле 262 куршуми за автоматска пушка кои не стигнал да ги раздолжи во МВР и два куршуми од тежок митралез кои ги задржал како сувенир од војната во 2001 година.

Можеби на прва изгледа чудно да се чуваат вакви сувенири, но ако се знае дека бранителот Миле целиот свој работен век го помина во МВР, носејќи оружје и униформа, почнувајќи од полицаец, па до командир на полициска станица, се добива сосема поинаква димензија.

Ако на 30-годишното полициско искуство го додадеме и борбеното искуство на бранителот Миле како припадник на Посебните полициски единици, вклучувајќи ја и одбраната на татковината Македонија, и тоа од почетокот до крајот на воената 2001, со учество во многу борби низ сите боишта во државата, а во една од нив беше ранет поради што се стекна со 50% воен инвалидитет, тогаш јас, а верувам и повеќето бранители, не сме зачудени зошто во викендицата на бранителот Миле останале 262 куршуми за пушка и дури два за тежок митралез.

Кога државата некому му дава статус на воен инвалид таа е должна и да се грижи за него. Особено за неговото физичко и ментално здравје. Бидејќи многумина бранители од 2001-та покрај телесните повреди страдаат и од духовни рани. Страдаат од посттрауматско стресно растројство. Сонот на бранителот Миле понекогаш не е обичен сон. Ги сонува своите загинати соборци, ги сонува шрапнелите забиени во неговото тело, сонува како се бори за живот.

Секојдневната средба со смртта кај повеќето бранители оставила неизбришливи траги. Државата преку психосоцијална подршка на бранителите треба да им помогне да се обидат ги избришат тие морбидни траги, а не дополнително да ги чепка и раскрварува.

Но тоа не е сѐ. Пред неколку години бранителот Миле повторно се сретна со смртта. Неговото, во борба ослабнато и трауматизирано срце, почнало да прескокнува и чкрипи. Благодарение на вештите раце на македонските кардиохирурзи бранителот Миле повторно ѝ побегна на смртта со тоа што неговото срце чука на батерии со подршка на песмејкер вграден во неговите гради.

Но, до кога? До кога ќе чука срцето на бранителот Миле?

Вчера бранителот Миле како да е озлогласен криминалец, со дури 7 полицајци кои му упаднале дома, пред неговата сопруга која го чекала да се врати од војна, е уапсен и спроведен во затвор. Сега таа ќе продолжи да го чека да се врати од затвор.

Како се чувствува бранителот Миле кога утрово се разбудил во затвор на државата што ја бранел? Само затоа што задоцнил да раздолжи 262 куршуми. Како ќе се чувствува следните 1.095 дена додека оние против кои се борел се шетаат на слобода вршејќи и високи државни функции, а тој гние во затвор на државата која ја бранел? Со 50% воен инвалидитет, со песмејкер на срцето, со пострауматско стресно растројство?

Истовремено знаејќи дека некои наши сограѓани дома чуваат сандаци со муниција, пиштоли, пушки и митралези, а можеби и топови. Но тие сограѓани се заштитени со закон. За разлика од бранителот Миле. Бидејки бранителот Миле е Македонец од еден мал и мирен македонски град во кој граѓаните уредно си ги плаќаат своите даноци и сметки.

Да биде иронијата поголема, постојат повеќе пресуди за вакви и слични дела со многу пониски казни, со условни, па дури и со ослободителни казни.

Јас не сум ниту правник ни судија, но добро познавајќи го од 2001-та до денес, длабоко во себе знам дека бранителот Миле е целосно невин, но, и да е виновен, не е онолку колку што е осуден.

Затоа апелирам до Врховниот суд најбрзо што може да ја разгледа жалбата на бранителот Миле за овој бизарен предмет, да ги земе предвид сите факти и да донесе праведна пресуда.

Барам помош и од правната фела. На оние кои сакаат да помогнат дополнително ќе им ги доставиме сите потребни пресуди, жалби и други материјали.

Барам помош и од министерот за правда, но и од сите други политички фактори. И од позицијата, и од опозицијата. Молам помогнете бранителот Миле што поскоро да излезе на слобода. Да не го оставаме да умре во затвор. На целиот криминал низ државата зар до него дојде?

Како сол на рана е фактот дека денот кога Миле е уапсен, булеварот Втора македонска бригада во главниот град на Македонија, државата за која се боревме, крваревме и гиневме е преименуван во булевар Адем Демачи.

Во Македонија во овој сегмент одамна се измешаа работите и сѐ отиде по ѓаволите. Но малку по малку, еден ден сѐ може да експлодира!

Наша обврска е благовремено, со правилна и праведна политика, да го спречиме тоа.

По молба на бранителот Миле кому му е срам од голготата низ која минува, не го објавувам неговиот идентитет“, напиша во својот апел Стојанче Ангелов, претседател на Достоинство.