Поминаа седум и пол години откако престана да чука срцето на младиот Џенан Мемиќ. На 15 февруари 2016 година ја загуби битката за живот. По сè уште нерасчистениот настан од Велика Аљеа во Сараево, Џенан беше во кома од 8 февруари 2016 година, а почина на 15 февруари. Имаше само 21 година.
Неговото семејство и пријателите, особено таткото Муриз и сестрата Аријана ја започнаа својата битка – да откријат што се случило со нивниот син и брат на 8 февруари 2016 година и да ги изведат виновниците пред лицето на правдата. На Фејсбук страницата „Правда за Џенан Мемиќ“ ја објавија фотографијата на Џенан со емотикон со скршено срце.
Според официјални извештаи загинал во сообраќајка – Џенан Мемиќ според официјалните извештаи, загинал во февруари 2016 година во сообраќајна несреќа. Неговиот татко Муриз Мемиќ вели дека бил убиен и оти судството и политичката елита го штитат убиецот.
„Тие не можат да ме лажат. Ветив дека ќе одам до крај и ќе дојдам до крајот, бидејќи вистината ја знам. Само сакам правда“.
Врховниот суд на Босна и Херцеговина кон крајот на јули пред две години (2021) ослободи двајца обвинети за мистериозната смрт на младиот Мемиќ, кој почина во Сараево во 2016 година под неразјаснети околности. Во повторената постапка и по две жалби, тезата на Обвинителството беше дека смртта на Мемиќ била предизвикана од повреди што тој, наводно, ги претрпел во сообраќајна несреќа кога бил удрен од комбе со кое се превезувале роднините Љубо и Бекрија Сеферовиќ.
За семејството Мемиќ обвинението уште од самиот почеток е сомнително и неосновано, а тие тврдат дека Џенан е убиен и дека наводите за сообраќајната несреќа се обиделе да го прикријат злосторството и да ги заштитат убијците.
Таткото на жртвата: Обвинителот мора да биде уапсен
„Далида Бурзиќ мора да биде уапсен“, изјави пред новинарите таткото на Џенан, додавајќи дека сега е време да се уапсат убијците и нивните помагачи.
Членовите на семејството Мемиќ претходно поднесоа кривична пријава до Обвинителството на БиХ против голем број лица осомничени за криење докази и помагање на сторителите по злосторството. По неколкумесечна истрага, беше поднесено обвинение за овие злосторства против пет лица, што беше потврдено од Судот на БиХ на почетокот на овој месец.
Поранешната девојка на Џенан, Алиса Мутап, нејзиниот татко Зијад Мутап и двајца полицајци, вклучувајќи го и поранешниот началник на сообраќајната полиција во Сараево, Хасан Дуповац, се обвинети за приклучување кон организирана криминална група, која ја попречувала истрагата и криела докази.
Необјаснетата смрт на Џенан Мемиќ и Давид Драгичевиќ од Бања Лука темелно ја разниша и онака слабата доверба во судството во БиХ, а членовите на семејството на двајцата млади луѓе се бореа со години убедени дека коруптивниот систем ги штити убијците на нивните деца.