Актерката Јелена Жугиќ ги повика нејзините Фејсбук пријатели да донираат за Леонид Индов, пријател на син ѝ од градинка, а кој неодамна се повреди додека беше на летување во Калитеа. За неговото лекување во Грција се потребни 200.000 евра. „Леонид го познавам од градинка, беа неразделни со син ми Ахил, заедно растеа, другаруваа и го осознаваа животот. Тој е исклучителен млад човек…“, ја започнува таа емотивната објава.
Леонид Индов (18) од Скопје, додека беше на летување во пријателите во Калитеа, Грција, доживеа несреќа во која ги повреди третиот, четвртиот и петтиот пршлен.
Тој беше итно пренесен во Солун, каде што му се направени неколку успешни операции, но во моментов дише на апарати и не може да ги движи екстремитетите. Поради сериозноста на повредите, Леонид не може да биде префрлен во Скопје, туку се наоѓа на одделот за интензивна нега во болница во Солун.
Трошоците за лекување и постоперативна рехабилитација на младото момче чинат 200.000 евра. Сега, неговото семејство собира донации, а во апелот до јавноста се вклучија и познатите личности, меѓу кои и актерката Јелена Жугиќ.
Таа испрати молба до сите што можат да донираат да го направат тоа и раскажа дека Леонид го познава од времето кога во градинка се дружел со нејзиниот син.
„Драги мои Фејсбук пријатели,
Леонид го познавам од градинка, беа неразделни со син ми Ахил, заедно растеа, другаруваа и го осознаваа животот. Лео е исклучителен млад човек, неговиот талент за математички науки веќе го потврди со награда и престижната институција NASA.
Лео во овие моменти се бори со последиците од несреќата која ја доживеа во соседна Грција. Неговиот транспорт е ризичен, а лекувањето таму чини многу пари.
Да ја покажеме уште еднаш нашата хуманост на дело, да му помогнеме на Лео и на неговото семејство“, напиша таа и остави броеви и банкарски сметки за донација.
Во апелот се приклучија и пејачката Бојана Скендеровски, водителката Анита Даева, а многу јавни личности го споделија и преку своите профили на Инстаграм.
„Леонид Индов е ученик во Математичко-информатичката гимназија во Скопје и во септември 2023 требаше да почне со настава во IV година. Тој е талентиран млад човек, со неверојатни спортски и интелектуални способности. Со својот тим го освои првото место на меѓународниот натпревар NASA Space Apps Challenge. Неговите компјутерски вештини и научни истражувања се вистинска инспирација за сите негови врсници. Апелираме и до вас, до сите кои можете и сакате да бидете дел од битката на Лео. Отворете ги срцата и и придружете се на оваа хуманитарна акција“ пишуваат на социјалните мрежи.