Попладнево голем пожар изби на локалитетот Маркови Кули над Прилеп. Горат нискостеблести дрвца и трева, а пожарот за брзо време се прошири на поголем простор.

Вечерва, нешто пред 20 часот, избувнал шумски пожар над Маркови Кули во месноста викана “Седло”, веднаш над Прилеп. “Пожарот и во моментов е активен и гори сува трева”, – велат од ТППЕ во Прилеп, и додаваат дека две – три екипи веќе работат на гаснењето на огнот.

Според командирот, Христијан Момироски, иако е зафатена поголема површина, сепак, ситуацијата, засега била под контрола. Но, она што повеќе загрижувало, биле неколкуте пожари во Долненска општина, со кои веќе два дена се борат прилепските пожарникари. Таму, екипите и вечерва остануваат на терен, бидејќи, како што ни рече Момироски, во опасност биле селата: Рилево и Сливје, а огнот веќе бил локализиран кон селата Стровија и Зрзе.

Повеќе информации за состојбата со пожарите во Долненско-прилепскиот регион се најавуваат за утрешниот ден.