Едно лице почина, а 12 завршија во болница во Бордо, Франција, откако изедоа отруени сардини во ресторан. Дојде до појава на ботулизам, сериозно невролошка болест која обично е предизвикана од јадење храна која не била правилно складирана, пишува Гардијан.

Се уште се лекуваат 12 лица, од кои пет на респираторна поддршка. Станува збор за американски, ирски и канадски туристи. Сите јаделе во ист вински бар помеѓу 4 и 10 септември, кога Бордо, познат по виното и храната, обично е полн со туристи. Сите јадеа сардини кои сопственикот на ресторанот ги чувал во тегли.

Ботулизмот е фатален во пет до десет проценти од случаите поради токсинот произведен од бактеријата Clostridium botulinum, кој може да се појави кога конзервираната храна не е доволно стерилизирана. Може да предизвика мускулна парализа која трае неколку недели, а најнепосредна опасност доаѓа од зафатените респираторни мускули.