Вчерашната смрт на 35-годишниот скопјанец утврдена по пожарот во стан во населбата Хром, сепак не е несреќен случај, туку убиство.. Обдукцијата на телото покажала насилна смрт со убодни рани, која му претходела на пожарот..
Прво го убил, па подоцна го запалил станот за да ги прикрие трагите….Ова се првичните официјални информации за случајот со триесет и петгодишникот чие тело вчера утрото беше пронајдено во стан во скопски хром, откако пожарникарите ги изгаснаа пламените јазици. Органите на прогонот допрва ќе утврдуваат што му претходело на убиството.
„Првичните сознанија упатуваат дека пожарот бил подметнат за да се прикрие кривичното дело. Во текот на денешниот ден, во координација со МВР, се преземаат и други дејствија и се издаваат наредби за целосно расчистување на настанот.“…велат од Јавното обвинителство.
Граѓаните што вчера беа разбудени од жештината и силниот мирис на чад се вознемирени од случувањата. За сега починатиот млад човек велат дека бил повлечен, но добро воспитан. Живеел сам, повремено правел забави во станот, но не пречел никому. Нивните сомнежи се дека најверојатно должел пари на лихвари.
Иако пред објективот не сакаа да говорат, зад камерата дел од станарите на оваа зграда зад мене велат дека во шест часот рано изутрината вчера од станот се слушала бурна кавга, а имало и бркотница, веројатно со ножеви….Телото имало траги на насилство, потврдуваат од полицијата….
И обдукцијата покажа дека триесет и петгодишникот не починал од пожарот, туку, од повреди нанесени со убоди од остар предмет. Дел од соседите тврдат дека имало голем број на рани на неговото тело, кое го виделе кога било изнесено, помеѓу нив и пресекотина на вратот, кај гркланот.
Иако станарите велат дека се слушале звуци на вербална и физичка пресметка, никој не пријавил во полиција, а за пожарот официјално е јавено десетина минути пред 10 часот наутро, по што интервенираше противпожарната бригада со три возила. Откако го изгасна пожарот, пожарникарите го пронашле и безживотното тело во тоалетот на станот, а лекарите од итната медицинска помош констатирале смрт.