101 година ќе има Славе Илиев од село Подлес ако ја издржи казната затвор која денеска му ја изрече велешкиот суд. 60-годишниот Илиев доби рекордни 40 години затвор за убиство и обид за убиство, кое го стори пред три месеци во своето родно село, во општина Градско.
Судијката Габриела Гајдова му одреди долготрајна затворска казна, оти за делото за кое е обвинет е предвидена доживотна робија. Илиев со пиштол го застрела 42-годишниот велешанец Миле Димов, а неговиот другар Миле Воденичаров тешко го рани.
Причина за убиството е тоа што Димов копал водоводен канал крај својата викендичка, а на соседот Илиев. Со кого подолго време бил во кавга, тоа не му се допаѓало. При изрекувањето на пресудата, судијката Гајдова рече дека го ценела признавањето на вина, но ги ценела и отежителните околности, под кои Илиев го извршил убиството.
Илиев денеска не беше во судница да ја слушне пресудата. Неговиот бранител Дејан Трајчевски најави жалба. Адвокатот на оштетените Душко Петров е задоволен од пресудата.