Цените на нафтата денеска се искачија над 96 долари на меѓународните берзи, поттикнати од индициите за слаба понуда во САД и очекувањата за зголемена побарувачка за гориво во Кина за време на празничната сезона.
На лондонската берза цената на барел со датуми на испорака во ноември беше за 88 центи повисока попладне отколку на крајот на вчерашното тргување и изнесувала 96,26 долари. Поактивно се тргувало со барели со датум на испорака во декември, по 97 центи повисока цена од 94,07 долари.
На американскиот пазар барелот поскапе за 1,31 долари и се тргува за 93,02 долари.
Трговците се фокусираа на знаците на тесна понуда во САД на крајот на неделата. Залихите во резервоарите во Кушинг, од каде се испорачува нафта купена со форвард договори на американскиот пазар, веќе се на најниско ниво од јули минатата година.
„Понатамошниот пад би ги спуштил на критично ниво, што би можело да го отежне нивното извлекување (од резервоарот – op.ed.)“, објаснува Карстен Фрич од Комерцбанк.
Цените се поддржани и од проценките дека побарувачката за гориво во Кина ќе се зајакне за време на седумдневниот одмор што започнува денеска.
„(Зголеменото) патување во странство за време на празникот Златна недела ја поттикнува кинеската побарувачка за нафта“, напишаа аналитичарите на ANZ во белешката до клиентите.
Се очекува и домашните патувања да ја поддржат побарувачката. Податоците од апликацијата за летови на Umetrip покажуваат дека просечниот број дневни резервирани летови е за петтина поголем отколку за време на Златната недела во периодот пред пандемијата 2019 година.
Во меѓувреме, Русија размислува за воведување квоти за извоз на гориво доколку привремената забрана за извоз не го постигне посакуваниот ефект и ако не паднат цените на домашниот пазар. Цените на рускиот бензин и на дизелот благо паднаа денеска на Меѓународната берза во Санкт Петербург.
Економистите прогнозираат дека барелот во Лондон ќе во просек ќе изнесува 89,85 долари во четвртиот квартал и 86,45 долари во 2024 година.
До крајот на годината на цените најмногу ќе влијае намалувањето на понудата од Саудиска Арабија и Русија, но нивниот раст кон 100 долари за барел може да биде забавен од неповолните макроекономски движења, пишуваат аналитичарите.
Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) одделно објави дека барел нафтена кошница на нејзините членки вчера поскапел за 40 центи на 97,48 долари.