Појасот Газа, епицентарот на војната со Израел, е палестинска енклава во рацете на исламистичкото движење Хамас, кое со децении се бори со насилство и сиромаштија.

Се граничи со Израел на север и исток, со Средоземното Море на запад и со Египет на југ. Тоа е територија од 360 квадратни километри, долга 41 километар и широка шест до 12 километри.

Таму живеат два милиона Палестинци, или речиси 6.000 жители на км², што е една од најголемите густини на населеност во светот.

Благодарение на локалитетот Тел ес-Сакан, откриен во 1998 година, археолозите можат да потврдат дека утврдениот канаански град бил континуирано населен од 3200 до 2000 година п.н.е. во сегашниот Појас Газа.

Потоа, Газа бил под асирска, вавилонска, римска, арапска и христијанска доминација.

Во 20. век, Газа потпадна под египетска администрација во 1948 година, набргу по прогласувањето на Државата Израел. Територијата потоа беше окупирана од Израел по арапско-израелската војна во 1967 година.

На 12 септември 2005 година, Израел еднострано се повлече од Појасот Газа, каде што Хамас, исламистичко движење кое Израел и многу западни земји го сметаат за терористичка организација, дојде на власт две години подоцна.

Во јуни 2006 година, Израел воведе копнена, воздушна и морска блокада на енклавата по киднапирањето на израелски војник кој беше ослободен во 2011 година.

Еврејската држава ја зајакна својата блокада во јуни 2007 година, кога Хамас ја собори во Газа палестинската власт на Махмуд Абас.

Единствениот излез од Газа кој не е под израелска контрола е граничниот премин Рафах со Египет.

Лишен од природни ресурси, Појасот Газа страда од хроничен недостиг на вода и гориво. Невработеноста погодува половина од населението, вклучувајќи три четвртини од младите луѓе.

Повеќе од две третини од населението зависи од хуманитарна помош и живее под прагот на сиромаштија.

Од 2008 до 2021 година, израелската војска ја нападна Газа четири пати за да ги спречи нападите на Хамас врз Израел, му ја уништи неговата инфраструктура што се користила за тие напади и му ги ликвидира водачите.

Новата војна избувна вчера по масовниот, ненадеен напад на Хамас врз Израел.