Новинарката од Фокус, Ирена Мулачка вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 истакна дека на Клиниката за Онкологија на пациенти кои биле пред умирање, за одредена сума им се ветувал начин на продолжување на животот, но потоа им било давано лек за оток.

„Значи пациенти кои биле во термална фаза, пред умирање, им било ветувано дека ако дадат 1000-1500 евра на некој начин ќе им се помогне да се продолжи животот. Семејствата нормално, надежда последна умира, трчале по лекарот, му ги давале парите меѓутоа тој на одделенските сестри им кажувал дека треба да дадат терапија манитол, тоа е лек против оток, дексазон кортико, антибиотик и витамин Ц“, вели Мулачка.

Таа додава дека ова е терапија која се дава против отоци кога пациентот е во фаза пред умирање, за да го освежат и намалат отоците.

„Тоа е само една од терапиите со кои се манипулирало на клиниката“, додава Мулачка.

Таа откри дека на Клиниката за онкологија имало сестра која во тетратка запишувала се што се случува на клиниката.

Според Мулачка, оваа сестра веќе е во пензија, а истото не се истражува во Обвинителството бидејќи се работи за пред 2019 година.

„На клиниката тие работи се случуваат многу одамна, меѓутоа сега скапата биолошка терапија се злоупотребува многу повеќе. Она имала лична семејна трагедија со тоа што барала од еден од министрите да му ја предаде таа тетратка, да провери што се случува на клиниката, со сите запишани кој и какви цитостатици земал, кои одделенски сестри… Министерот не му било ок, одел на таа опција дека нема да дозволам да ме уценуваш…“, вели Мулачка.

На прашање на модераторот дали таа имала увид во оваа тетратка, Мулачка одговори потврдно.