За денеска во 10 часот повторно е закажано доаѓањето на извршителот и иселувањето на 13 семејства, односно на целата зграда на Врачар кај Јужни булевар 90 во Белград. Нешто пред ова време, како што јавуваат српските медиуми, пред зградата пристигнала полиција, а се собрале и голем број станари. Присутни се и бројни новинарски екипи. Извршителите дојдоа нешто по 10 часот, но застанаа преку улицата од зградата.

Последниот обид за иселување на овие семејства или практично целата зграда беше на 29 јуни, кога беше одложено. Марко Живиќ, претседател на куќниот совет, вели дека во зградата живеат дури 36 деца.

– Решение гледаме само во рочиште кое е закажано за оваа година, го чекаме од април, не сме добиле никаква подготовка. Немаме каде да одиме, ќе умреме, нема да ги напуштиме домовите – рече тој пред зградата во која се се собраа станари и каде чекаат да пристигне извршителката.

Како што рече, денеска „очекуваат да си ги бранат домовите“.

– Нека дојде повеќе полиција, нè има многу повеќе од минатиот пат – истакна тој.

На прашањето како живеат последниве четири месеци, од претходниот пат кога дошла извршителката, Живиќ вели дека се вознемирени, а летото никаде не отишле.

– Тука сме, ги чуваме становите и се плашиме – изјави тој.

Да потсетиме, при претходната посета на извршителката, пред зградата се собраа жители и граѓани, а на лице место имаше и припадници на полицијата. Извршителката потоа дошла на адресата во придружба на тројца полицајци, а како што најавила тогаш „наредниот пат ќе дојде со поголема група полицајци“.

На таа адреса живеат дури 13 семејства, а станарите се уште стравуваат за својата судбина. Еден од инвеститорите и станарите, Слободан Премовиќ, тогаш изјави дека проблемот датира од 2013 година. Минатиот пат пред зградата беа членови на организацијата „Покрив над глава“, кои таму се и денеска.