Алармантна е состојбата на улиците на Брисел за време на квалификацискиот натпревар помеѓу Белгија и Шведска. Тамошните медиум информираат за терористички напад кој веќе ги зема и првите жртви.

Непознато машко лице припадник на ИСИС извикувал „Алах акбар“ додека со Калашников стрелал кон минувачи. Според медиумите жртвите се шведски навивачи кои допатувале со цел да дадат поддршка на својата репрезентација.

Немилиот настан се случил во 19 часот и 15 минути во центарот на градот, а осомничениот е во бегство.

По пукањето репрезентативците на Шведска одбија да се вратат на терен во второто полувреме од дуелот против Белгија.

Според тамошните медиуми, шведските фудбалери соопштиле дека не сакаат да ги играат вторите 45 минути, а домаќините го прифатиле нивниот став и се согласиле. Натпреварот официјално е прекинат, дел од навивачите на „Хејсел“ си заминаа и неизвесно е дали и кога ќе се одигра второто полувреме.

Белгија и Шведска се сретнаа во натпревар од квалификациите за Европското првенство во 2024 година. На мечот му претходеше убиство на две лица облечени во шведски дресови, на околу пет километри од стадионот на кој се игра натпреварот.