Македонскиот шоумен и водител Игор Џамбазов гостуваше во подкастот на Стефан Лазаров, интервју за кое деновиве оправдано зборува цела Македонија и во кое Џамбазов кажа работи досега непознати за јавноста. Во еден дел од интервјуто, Џамбазов се осврнува на тешкиот период од неговиот живот, кога западна во големи долгови и добиваше закани по својот живот. На прашањето колку пари должел, со оглед на тоа дека тогаш се зборуваше за сума од дури 300.000 марки, Џамбазов демантира дека биле толку многу и вели:
– Не, не. Никогаш не биле толку, комплетната сума беше 50.000 марки, на три-четири места по десеттина, 12.000, 15.000, но тоа со камати. Земаш 4.000, а после 6 месеци враќаш 20.000. Некои дури сакаа да го малтретираат татко ми Џамбаз, вели Игор во интервјуто.
На прашањето дали и тој бил малтретиран, Игор одговара:
– Како не сум бил. Кога ми ставија првпат пиштол во уста, тоа го гледаш во филм, мислиш дека си на снимање. Го става намерно горниот дел непцето да те раскрвари. Се гледа дека ќовекот го правел тоа повеќе пати во животот. Да има крв, да те фати паника. Тоа се моменти кои мене ме освестувале. Сите тие глупости се случија во многу кратко време. Немав веќе што да правам, Тогаш за првпат во тој период се јавив во полиција. Пет дена по ред се јавував, „јас сум Игор Џамбазов, ме малтретираат луѓе, ми бараат рекет“. Немаше кој да ме заштити. Тие што требаше да ме чуваат се на телефон со овие што ме бараат, вели Џамбазов.
На прашањето дали во тоа време дали му има помогнато Командант Мујо, Џамбазов вели:
– Да, како и на многу други. Мујо ми помогна да се опуштам, да се смирам. После месец дена седење во Куманово, сфатив дека овој период морам да го искористам за нешто убаво. Така дојде идејата да ја напишам Гол човек, заклучува Игор.