Еван Хил, репортер на „Вашингтон пост“, објави видео на кое се гледа моментот кога била погодена болницата Ал Ахли во Газа.

„На видеото се слуша шушкање на проектил низ воздухот, а потоа експлозија, проследена со портокалов пламен“, напиша Хил на социјалните мрежи, пренесува Ал Џезира.

Потоа на социјалните мрежи беа објавени уште неколку видеа на кои се гледа моментот на нападот на болницата во Газа.

Палестинските здравствени власти во Газа тврдат дека во нападот загинале најмалку 500 луѓе, а под урнатините се наоѓаат уште стотина жртви. Хамас нападот го нарече чин на геноцид, додека израелската армија објави дека организацијата Исламски џихад е одговорна за нападот.

Нападот предизвика гневни реакции кај Палестинците во окупираниот Појас Газа, каде населението излезе на улиците во голем број градови, а судирите меѓу демонстрантите и полицијата продолжуваат во Рамала, Џенин, Наблус и други градови каде, според извештаите на медиумите, продолжува да владее хаос.

Тамошното население долго време е огорчено од постапките на палестинската управа и нејзиниот претседател и шефот на владејачката Фатах – ривал на Хамас – Махмуд Абас, кого го критикуваат за прекумерна соработка со Израел и неспособност.

Демонстрантите излегоа на улиците и во соседен Јордан, каде толпата се обиде да ја окупира израелската амбасада, а протестите се проширија и во Турција, каде илјадници луѓе се собраа пред израелската амбасада за да протестираат против нападот на болницата во Газа.