За да не се шири непотребен страв кај населението, причината за фамилијарното труење и за жал еден изгубен живот со пестицидот Метомил (карбамат), попознат како Ланате, не е ниту “прсканиот праз” ниту брашното во питата, напиша на својот Фејсбук профил д-р Нико Беќаровски, одговарајќи на шпекулациите дека семејство се отруло откако јадело домашна пита со праз, од кои 47- годишната жена, за жал, починала, а нејзиниот сопруг и бабата се уште се во кома на КАРИЛ.

Од Токсикологија за медиумите изјавиле дека се работи за труење со „метомил пестицид“, што доведува до дилема како отровот завршил во јадењето. Д-р Беќаровски за тоа како овој пестицид завршил во храната, вели, надлежни се МВР, но:

– Доволна е една лажичка концентриран прашок од овој пестицид да предизвика смрт на возрасен човек. Повеќе информации барајте од МВР. Најдлабоко сочувство до фамилијата на починатата, напиша д-р Беќаровски.

Случајот завчера бил пријавен и во полиција, а во вчерашниот билтен МВР инфформира:

– На 17.10.2023 во 12.00 часот во Полициската станица Кисела Вода, од Клиниката за токсикологија било пријавено дека на 15.10.2023 кај нив за укажување лекарска помош биле донесени три лица од Скопје, затруени од домашна храна која била направена во нивниот семеен дом во Скопје, се вели во билтенот на МВР.

Претходно, претседателот на Здружението на лаборанти, Ивица Апостолов, рече дека смртоносниот пестицид е забранет за продажба од 2015 година и апелираше до институциите да истражат од каде е набавен.

Според информациите кој роднини им ги кажале на медиумите питата ја правела бабата со два вида брашно и со праз. Од Токсикологија велат дека се работи за труење со „метомил“ пестицид, но засега е непознато како отровот завршил во јадењето.

Инаку, „метомил“ е инсектицид. Опасен отров по здравјето на луѓето, забранет за продажба во земјава. Познат и како „ Ланата“ ова е отровот за кој се претпоставува дека е виновен и за труењето на многу кучиња низ цела држава.