По Сплит, опасната голема (меѓу народот позната како магарешка) кашлица хара низ Загреб. Веќе е потврдена кај тројца ученици од основно училиште во Загреб, а заразени се и неколку нивни контакти, пишува Danas.hr. Целиот клас е на антибиотска терапија, а со влегувањето во колективот се заканува опасност од забрзано ширење, предупредува детскиот доктор за заразни болести Горан Тешовиќ.

„Тоа е една од најзаразните заразни болести воопшто. Заразноста на големата кашлица е некаде на исто ниво како сипаниците и некои варијанти на Ковид 19“, објаснува Тешовиќ.

Инфекцијата се шири преку капки, а за најмладите може да биде фатална. Започнува како обична настинка, поради што поблагите форми не можат ни клинички да се препознаат.

„После една недела до десет дена почнува да се развива кашлица, која е типично сува и почеста навечер, која го задушува пациентот и предизвикува чувство на недостаток на воздух. Многу често децата повраќаат и немаат покачена температура“, продолжува Тешовиќ.

Ситуацијата во Загреб се уште не е сериозна како во Сплит, каде во моментов има повеќе од 70 пациенти.