„Фокус“ обезбеди нови фотографии од пукачот кој вчера попладне го рани Раде Трајковски – Штекли и неговиот соработник со прекар Колумбо во трговскиот центар „Ист гејт“. Според фотографиите до кои дојдовме, лицето лабаво седи во кладилница во трговскиот центар и воопшто не се крие.
Непосредно по пукањето на социјалните мрежи излезе снимка од безбедносните камери каде се гледа моментот на нападот. Штекли и Колумбо се спуштаат по елеваторот надолу кон гаражите, а лицето што стрела кон нив одозгора.
Во моментот на пукањето трговскиот центар бил полн со случајни посетители кои лесно можеа да станат мета на напаѓачот со оглед на тоа што имаше луѓе и на неколку метри од ранетите.
На сликите и видеата се гледа дека младиот напаѓач е облечен во бел дуксер, а пиштолот го носи во џебот. На главата има бејзбол капче и безжични слушалки.