Новите фотографии откриваат дека зад нападот во Ист Гејт Мол врз Раде Трајковски Штекли стоел добар план и дополнителна поддршка на ладнокрвниот егзекутор. Тој ги чекал жртвите во обложувалницата на првото подземно ниво, а тоа се гледа и на фотографиите кои ги објави Фокус. Поминал подолго време, а според информации на Телма пиел кафе и пушел цигари.
Откако добил дојава дека метата во придружба на уште еден маж излегол од фитнес центарот во Ист Гејт, тој ги дочекал пред обложувалницата и кога почнале да се спуштаат со подвижните скали ги застрелал. Тоа значи дека уште едно лице било вклучено во инцидентот во Ист гејт Мол и го чекало Штекли да излезе од теретаната на вториот кат во молот.
Од полицијата велат дека интензивно се работи и се прибираат докази за обидот за убиство. Детали не се откриваат ниту се кажува дали има напредок во истрагата.
Ранетите се опоравуваат, а на Димитар T. викан Колумбо направена му е уште една операција денеска. Сѐ уште е во индуцирана кома и приклучен е на апарат за дишење во хируршката болница Свети Наум Охридски.
Трајковски-Штекли има полесни повреди, а за два месеци успеа да се спаси од два организирани обиди за негово убиство во Ист Гејт Мол.
Мотивот е во пресметката за скопскиот нарко-пазар, оценува поранешниот началник во МВР Љубомир Ѓурчески, според кого никој не може да каже дека ги контролира бандите додека тие не бидат растурени со ефикасни истраги и судски пресуди за припадниците на спротивставените криминални групи во чии пресметки само во последната година беа убиени четири лица.