Националниот координатор за гранично управување и екс разузнавач Владимир Пивоваров, зборуваше за случајот со пукањето во „Ист Гејт Мол“ кога беше пукано врз Раде Трајковски – Штекли и уште едно лице, по што двајцата завршија во болница.

Пивоваров за снимката која ја објави МВР, кажа дека не е доволно јасна и дека во доказната постапка може да се случи да не важи истата поради лошиот квалитет.

„Напаѓачот за 10 минути може да биде на косовската граница, за 20 минути да биде на српската граница, а може и илегално да ја помине границата. Има слика, но не може да се утврди веднаш идентитетот. Во ваква ситуација имаме друг проблем. За квалитетот на безбедносните камери во држвава одлучува тој што ги става, нема пропишани норми. Предлагам државата да дава одобренија кога се ставаат безбедносни камери, да бидат со поголем квалитет. Не е доволно јасна фотографијата за потоа да се докаже во доказната постапка. Имаме случаи каде што адвокатите го оборуваат доказот, каде што ќе речат дека не е јасна снимката и дека не може да се утврди дека е тоа извршителот на нападот, и така натаму. Затоа треба да има поквалитетна снимка“, изјави Пивоваров.