Актуелното кривично досие на Раде Трајковски – Штекли е празно. Порано имал пријави за тепачки со тешки телесни повреди, но што има, си одлежал. Досието на Штекли беше објавено претходно во повеќе наврати за убиството на Мартин Јанушев, беше објавено вечерва во емисијата КОД.
– Веднаш по убиството, полицајците кои први дошле на местото на настанот, слушнале дека жртвата во своите последни мигови кажува едно име, Раде. Потоа, помеѓу полицајците на терен се проширила верзијата за Раде Трајковски, а и кога првпат ги гледале камерите со бегството на убиецот, го барале ликот на Штекли. Но на матните слики од безбедносните камери, се видело дека убиецот е многу помал и понизок од Трајковски, осомничениот на истрагата и заличил на Секуловски (Филип Секуловски- Кобра). И двајцата ги снемува по убиството, објави КОД вечерва.
Медиумите претходно објавуваа дека Јанушев го зел пиштолот на татко му, вработен во МВР, и излегол од зграда, но Секуловски бил побрз од него и испукал пет куршуми. Кобра, всушност, кога се случи убиството, бил на викенд од затворот каде што издржувал казна за трговија со дрога. Но, она што го поврзуваше Штекли со убиството беше тоа што Кобра наводно пред убиството се сретнал токму со Штекли, кој баш на тој ден објавил фотографија од Белград, каде што бил за време на убиството.
Секуловски беше уапсен и осуден по две години бегство, а Штекли никогаш не беше обвинет и не беше докажана неговата поврзаност со ова убиство.
По убиството на Јанушев, Трајковски исчезна, а агенцијата за обезбедување ОМЕРТА (која се поврзуваше со него), беше избришана, но останаа сомнежите дека и обезбедувањето се крие како можен мотив за убиството.
– Но во моментот Трајковски е слободен човек без пријави. Неговата сопруга е во притвор во истрагата за продажба на луксузни возила со фалсификувани документи. Штекли не е опфатен со таа истрага, а нема други пријави, објави КОД.