Се самоуби жена од Бања Лука, откако на социјалните мрежи беше објавено видео на кое таа е снимена како врши нужда во центарот на градот, објави порталот Српскаинфо.

Пред 15 дена жената со иницијали Д.М. рано изутрината излегла од автомобилот во близина на Народниот театар во Бања Лука и извршила нужда. Еден од минувачите на улицата „Краљ Петар“ сето тоа го снимил и го објавил видеото на социјалната мрежа Х, поранешен Твитер. Видеото брзо се проширило, корисниците вербално ја линчувале и ја навредувале.

Набргу потоа полицијата соопшти дека го открила нејзиниот идентитет и дека ќе и биде поднесена прекршочна пријава за делото „вршење физиолошка потреба и покажување полен орган во јавноста“ според Законот за јавен ред и мир на Република Српска.

Две недели подоцна извори блиски на починатата потврдиле за порталот Српскаинфо дека жената не можела да го издржи притисокот и си го одзела животот, не наведувајќи детали.

Членови на семејството на жената за АТВ изјавиле дека почнале постапка за да го пронајдат лицето кое неовластено ја снимало жената и ја искористило снимката на социјалните мрежи. Семејството сака да покрене постапка против сторителот, како и против некои корисници на социјалните мрежи кои ѝ испраќале навредливи пораки.