Во КБЦ Загреб, како што дознава 24 часа од добро информиран извор, примиле двајца мажи кои пријавиле проблеми по консумирање на кока-кола, објавија попладнево хрватските медиуми.

Едниот е обработен и има оштетување на хранопроводникот. А другиот сега е примен во болница. Тој изјавил и дека причина за неговото доаѓање биле тешкотиите по консумирањето на Кока Кола, по што му се слошило и сега се лекува.

– Попладнево во КБЦ Загреб е примено младо лице поради сомнение за хемиско труење од газирани пијалоци. Моментално е на гастроентеролошкиот оддел, објави Danas.hr.

Како што пишуваат, младиот човек им рекол на лекарите дека пиел Кока Кола.

Иван Горник, началник на Итната помош, потврди за Јутарњи лист дека е примен млад човек со повреди на устата и хранопроводникот.

– Тој е на опсервација, стабилен е, повредите не изгледаат многу сериозни, а по лекувањето ќе се знае повеќе дали ќе остане на болничко лекување или ќе биде отпуштен на домашна нега – вели Горник.

На прашањето дали се точни информациите дека човекот рекол дека пиел Кока Кола, Горник за Јутарњи рекол дека тоа им го кажал на лекарите при приемот.

Во Хрватска моментално владее паника, бидејќи пријавен е и трет случај на труење со газиран пијалок, односно минерална вода. Младиот Ј.Г. (19) е хоспитализиран во болницата во Риека.

– Тоа беше страшно. Наеднаш почна да вика, ништо не ни беше јасно. Не знаевме што се случува. Само викаше и мавташе со рацете. Викаше дека не може да дише. Истрча во тоалет, почна да повраќа крв, беше ужасно. Катастрофа, раскажува соговорник кој случајно се нашол во кафуле каде Ј.Г.(19) испил голтка минерална вода со вкус која му го изгорела хранопроводот и завршил во болница во Риека. Колку се сериозни повредите говори податокот дека повредениот се уште е во болница.

Во врска со ова, Кока Кола соопшти дека се работи за изолиран случај.

– Свесни сме за изолиран случај поврзан со едно стаклено шише Römerquelle Emotion Blueberry Pomegranate 330 ml. Ја изразуваме нашата длабока загриженост и надеж за брзо и целосно закрепнување на лицето инволвирано во овој случај. Целосно сме отворени за соработка со сите надлежни органи – соопштуваат оттаму.