Она што е помалку познато во јавноста е тоа дека своја улога во „разоружувањето“ на „Дуќанџик“ и групата од Грчец, имал и обвинетиот и осуден во случајот „Рекет“, Зоран Милески – Кичеец, пишува неделникот ФОКУС во својот најнов број.

Кичеец е познат по јавноста по снимањето на разговори со познати бизнисмени и политичари, а казната затвор ја издржуваше во затворот од отворен тип во Струга. Додека ја издржуваше казната, предизвика сообраќајка во која загина едно лице. Но, за ова беше осуден само на шест години затвор и сега е слободен граѓанин откако ги издржа затворските казни и за „Рекет“ и за сообраќајката.

– Наводно, од него почнува преземањето на казината со помош на одредени структури во полицијата, бизнис во кој неофицијално за месечно за обезбедување се земале по 78 илјади евра. Во оваа шема влегува и Штекли заедно со групата „Барон“, која, пак, е на страната на „Беланоца“ со база во Сингелиќ и Арачиново, лутиот противник на „Дуќанџик“ (Пластичарска, Чаир, Бутел…), пишува ФОКУС.

Освен овие случувања, треба да се земе предвид и отцепувањето на фракцијата од владејачката партија, луѓе кои се блиски со „Дуќанџик“ и „Грчец“, додека поддржувачите на „Беланоца“ и „Барон“ останаа на власт. Освен новиот контекст на политичката сцена, пред убиствата имаше промени и во полициските структури. Па така, во септември 2022, Примислав Димовски беше сменет од началник на Единицата за интервентна полиција, кој до 2019 година беше командант на Единицата за прв одговор и интервенција „Алфа“.

Оваа единица беше токму за борба со уличниот криминал, но по неговата смена, најверојатно „борбата“ со овој криминал ја презеде Специјалната антитерористичка група „Тигар“ чија примарна задача е планирање и извршување најсложени задачи во борбата со тероризмот и други сложени задачи.

Сепак, оваа единица сега е „главна“ во справувањето со подземјето. Никој не може да потврди дали плановите на Кичеец, во кои своја улога има и Штекли, се совпаднале со оние на полицијата, да се намали моќта на „Дуќанџик“ и Грчец.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.