Откако поради расипана локомотива вчера не тргна единствениот воз што ги поврзува Скопје, Велес, Богомила, Прилеп и Битола, а денеска немаше и воз од Битола за Скопје, попладнево попушти и железничкиот мост на Црна река поради што е прекинат товарниот сообраќај кон Гевгелија.

Извори од Македонски железници информираат дека е констатирано нарушување на стабилноста на железничкиот мост над Црна Река, кај локалитетот Стоби. Поради ова, патничките возови од и кон Гевгелија ќе сообраќаат со комбиниран превоз. Од стојалиштето Стоби до станицата Кукуречани патниците ќе бидат биле префрлени со автобус, а потоа продолжиле со патнички воз.

Ова ќе биде дополнителен финансиски удар за компанијата затоа што овој железнички транспорт ги спојува Македонија, Србија и Унгарија. Стоката од солунското пристаниште за Средна Европа ќе користи алтернативен железнички превоз преку Бугарија.Тешкотии ќе има и за превозот на нафтените деривати за македонските увозници, бидејќи тие ќе може да се достават само до Криволак или Неготино.

Железничкиот мост над Црна Река кај Стоби попушти и во 2018 година, кога 40 дена товарниот железнички транспорт не беше во функција.

Бојкотот на машиновозачите кои четири дена протестираа заради неисплатени патни трошоци беше прекинат вчера попладнето, па некои од возовите трнгаа, некои не заради дефекти. Поради расипана локомотива вчера не тргна единствениот воз што ги поврзува Скопје, Велес, Богомила, Прилеп и Битола. Затоа денеска и нема воз од Битола за Скопје. Нема локомотива, нема вагони во Битола. А ако не се поправи локомотивата, прашање е дали попладне ќе има воз од Скопје за Битола!

Засега никој не знае да каже дали возот ќе тргне утре, задутре или за неколку дена.