Израелската војска ја потврди смртта на жена-војник киднапирана од Хамас и држена во Газа по масовниот напад на групата врз Израел на 7 октомври.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека го известиле семејството на 19-годишната Ноа Марчијано за нејзината смрт, пишува Би-би-си.

Марчијано се појави во видеото кое вчера го објави Хамас. ИДФ објавувањето на контроверзното видео го нарече „психолошки тероризам“. Марсијано го кажува своето име, имињата на нејзините родители и нејзиниот роден град во видеото, кое наводно било направено четири дена откако била киднапирана. На видеото потоа се гледа нејзиното мртво тело.

Вооружени членови на Хамас зеле околу 240 заложници и убиле 1.200 луѓе за време на минатомесечниот напад. Марчијано била на набљудувачка станица во Кибуц Нахал Оз кога вооружени напаѓачи упаднале преку блиската граница меѓу Израел и Газа, нападнале десетици израелски заедници, неколку воени бази и стотици млади луѓе кои присуствувале на музички фестивал.

Повеќе од еден месец не се знаело точно каде е Марсијано и дали воопшто е жива. Военото крило на Хамас тврди дека израелската војничка била убиена во израелски воздушен напад на 9 ноември. Да потсетиме, по нападот на Хамас, израелската армија започна војна против Хамас и почна жестоко да ја бомбардира Газа.

Оттогаш во Газа се убиени повеќе од 11.000 луѓе, според Министерството за здравство на Хамас. Четириесет и шест израелски војници биле убиени во борбите во Газа во истиот период, според ИДФ. Од 7 октомври Хамас ослободи четворица заложници, а ИДФ спаси еден.