17-годишно момче од ромска националност е убиено од грчки полицаец во областа Леонтарио во централна Грција, што предизвика немири организирани од ромското население. На сигурносните камери од снимките објавени во грчките медиуми, може да се види црното возило во кое се возел младиот човек со уште три лица кои се движеле со голема брзина, додека биле следени од полицискиот џип. Неколку секунди подоцна се слушаат кочници, извици и пукање. Потоа се слушаат врисоци и гласови на очај…

„Го убивте! Зошто Боже, зошто… Што ти направи детето за да го застрелаш… Зошто го направи тоа? Повикајте итно Брза помош“ викале луѓето кои биле со 17-годишникот. Мочето Ром било застрелано од кратко растојание, покажува вештачењето.

Од вештачењето произлезе дека куршумот најпрвин нанел продорна рана на левиот палец, а потоа продолжил, завршувајќи во левата цервикална регија. Станува збор за слепа рана бидејќи куршумот бил пронајден надолу, во предниот ѕид на градниот кош, во мускулите, осум сантиметри над десната брадавица. Како што е утврдено со прегледот, кога куршумот влегол во вратот го скршил 4-от и 5-от вратен пршлен.

Алексис Куџас, кој ја презеде одбраната на 41-годишниот полицаец кој го испукал смртоносниот куршум, за АНТ1 изјави дека пукањето било контактно. Според него, ромската група имала криминално однесување.

„Она што го знам е дека имало бркотница по улиците на Алиартос каде што долго време момчето правело опасни маневри. Бркотницата била 45 минути“, додаде Алексис Куџас, кој ја пренесе и информацијата дека и усните изјави од Ромите се во корист на полицаецот.

41-годишниот полицаец се соочува со обвиненија за убиство со умисла и незаконско извршување на неутрализирачки истрел. Полицаецот на ОПКЕ побарал и добил рок да се изјасни до денеска четврток 16.11. Тој тврди дека пукал откако младиот човек се обидел да му го земе пиштолот, по бркотницата.

Потресни сцени на погребот

Сцените на погребот на 17-годишникот беа потресни. Толпа луѓе му кажа „последно збогум“ на 17-годишникот во средата напладне во Алиарто и го испратија во неговиот бел ковчег – до неговото вечно почивалиште. Неговиот брат не издржал и колабирал од притисокот, поради што бил пренесен во болница за прва помош.