Од ЈЗУ ГАК испратија демант до медиумите откако се појави информација дека исчезнато е бебе на Универзитетска клиниката за детски болести. Во објавата претходно беше наведено дека „моментално таткото на детето е во полиција на распит за целиот овој случај, по што подоцна ќе бидат откриени повеќе информации“.
– Родителите тврдат дека откако бебето било пренесено на Детската клиника, исчезнало и никој не знае каде се наоѓа во моментов. Родителите на детето тврдат дека последен пат го виделе на 16 ноември, но допрва ќе треба да се анализира целиот случај. Од МВР велат дека се проверени сите оддели на Клиниката за детски болести и дека немаат дете кое недостасува. Допрва треба да се утврди дали ова бебе навистина било овде хоспитализирано и дали недостасува, објавија медиумите.
Од ЈЗУ ГАК испратија демант до медиумите во кој се наведува дека „во изминатата година ниту еднаш не дошла на преглед пациентката која сега дава неточна изјава поврзана со исчезнување на бебе“.
– На клиниката во текот на 2023 година ниту еднаш не дошла на преглед пациентката која сега дава неточна изјава поврзана со исчезнување на бебе, а вие ја пренесувате. ГАК е јавна здравствена установа и недозволиво и незамисливо е да се шират во јавноста невистини со цел да се создаде недоверба и паника кај сите корисници на нашите услуги. Доколку е потребно соодветни институции ќе ја испитаат изјавата на жената која дала таква изјава, а клиниката ќе преземе правни постапки против секој кој ќе го наруши угледот на институцијата, како и паниката која се создаде помеѓу граѓаните, се вели во реакцијата.