Од полицијата објаснија зошто двапати во различно време е пријавено исчезнувањето на 14 годишната Вања Ѓорчевска од Скопје.

На 27-ми ноември 2023 година во 11 часот во ПС за општа надлежност Центар од страна на таткото е пријавено дека на 27.11.2023 година околу 7.27 часот неговата малолетна ќерка веќе излегла од станот и се упатила до ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, изјави вчера министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во врска со случајот со 14-годишната Вања Ѓорчевска, која веќе шест дена не е пронајдена.

Неговата изјава предизвика збунетост кај јавноста. Претходно, имаше информација дека мајката пријавила.

„Мајката на девојчето го пријавила исчезнувањето во 8.35 часот на 27-ми ноември, на телефонскиот број за итни повици, 112. Потоа пријавата е проследена до надлежните институции. Таткото пак, официјално го пријавил исчезнувањето во 11 часот, истиот ден, во полициска станица“, соопштија од МВР за Фокус.

Веќе има пет уапсени за исчезнувањето на Вања. Информацијата денеска ја соопшти министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.