74-годишниот Панче Жежовски не се јавувал на својата ќерка два дена. Од 22-ри ноември таа не го слушнала па се посомневала дека нешто му се случило. На 24-ти ноември го пријавува исчезнувањето во полициска станица откако ќе види дека не е во својот дом, а неколку работи оставени во станот упатуваат дека го напуштил набрзина. Се до 27-ми ноември нема никакво сознание за него кога неговиот автомобил го пронаоѓа полицијата, во околината на скопското село Бразда. Цитроенот бил опожарен.
-На 27.11.2023 било пријавено дека во 15.40 часот во с.Бразда, скопско, полициски службеници од Полициското одделение Мирковци пронашле целосно опожарено патничко возило. До возилото била пронајдена регистарска табличка со велешка ознака, за која, по извршени проверки, било констатирано дека припаѓа на патничко возило „цитроен“, сопственост на П.Ж. од Велес, за кој на 24.11.2023 во СВР Велес беше пријавено дека се оддалечил од домот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти МВР
Панче не се вратил дома, а дури на 3-ти декември е пронајден мртов но, не кај неговиот запален автомобил. Всушност во атарот на селото Бразда е најдено телото на 14 годишната Вања Ѓорчевска која исчезна на истиот ден кога беше најден запалениот цитроен на Панче. Телото на велешанецот е пронајдено на друга локација, на патот Велес-Скопје.
Според извори на Телма блиски до истрагата , Панче се познавал со Љупчо Палевски а неофицијално дознаваме дека имале расправија околу наводни ископи на злато. Палевски е осомничен и за неговото и за убиството на Вања заедно со уште четири лица. Тој според извори во истрагата е во бегство во Турција.
Панче Жежовски бил фризер, а на денот кога исчезна велешани на ФБ објавуваа постови за неговото исчезнување. Тој беше и претседател на Унијата на Ветерани во Единствена Македонија и активен во поддршката на пензионерите за линеарно зголемување на пензиите.