„Во влезот од зградата го земаат и го ставаат со врзани раце и нозе и во една вреќа за спиење и го изнесуваат и го ставаат во гепек во возилото. Пред возилото Цитроен се наоѓа возилото Рено Канго кое што цело време се движи пред нив и е однесено на локација надвор од Скопје. Според сведоците таму е извршено убиството, а после тоа е запалено возилото“.

ФОТО: Телевизија Телма

Вака, според зборовите на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се одвивало грабнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска и вака завршил нејзиниот живот, минатиот понеделник на 27-ми декември.

Двајца од осомничените кои го возеле Цитроенот со кој била грабната Вања, вечерта добиле информација дека тоа кобно утро ќе биде сама и во колку часот. Информациите кога Вања ќе го напушти нејзиниот дом во еднонасочната уличка во Дебар Маало, Наум Наумовски Борче за да се упати кон училиштето Песталоци ги јавил нејзиниот татко на осомничениот за убиството, Љупчо Павлески Палчо.

„Токму со тоа возило е земена малолетничката од влезот, односно од живеалиштето откако претходно според исказите на осомничените таткото сподели информација со организаторот за денот и времето на излегување сама од дома“, додаде Спасовски.
Таткото за време на распитот негирал дека е вмешан во случајот.

„Од досегашниот исказ во полиција јас што го знам. Можеби нешто ќе се смени и се сменило. Се уште таткото ги негира овие дејствија. Значи ние неговата инволвираност која што се уште сметаме дека е посредна во овој случај ја вадиме до контекстот на она што го кажуваат другите инволвирани во случајот дека едното лице има кажало дека се ова го знае од контактот со таткото“, изјави основниот јавен обвинител Гаврил Бубевски.

Планирале да изнудат пари од мајката на Вања, која прва го пријави нејзиното исчезнување во полиција во 8:35 часот.

„Мотивот е користољубие, при што едно од лицата во договор и со знаење, според првичните сознанија на член на семејството го организирал извршувањето на кривичното дело со цел да се изнудат пари од мајката на малолетничката од кое што понатаму сите инволвирани би имале парична, односно материјална корист“, вели Спасовски.

Нејзиниот татко во 11 часот во полициската станица во Центар ќе го пријави исчезнувањето и ќе каже дека Вања во 7:27 го напуштила домот. Истрагата сега се насочува и за тоа која е конкретно врската меѓу таткото и осомничениот за убиство.

„Имаме сознанија дека од страна на мајката има продаден некој стан за кој што сметаме дека средствата од тој стан биле некаков мотив кои што требало да бидат предмет на изнудата. Сите овие работи ќе ги провериме во тек на постапката“, додаде Бубевски.
Засега само посредните докази ја покажуваат поврзаноста на таткото. Двајца од тројцата осомничени кои веќе се во притвор кажале дека таткото знаел кога Вања ќе излезе од дома. За таткото обвинителството ќе бара притвор.