Екипата на Portalix.mk предводена од новинарот Фуркан Салиу вечерва објави снимка која покажува кога точно автомобилот „Ситроен“ поминува низ една скопска населба, која што е во близина каде што е најдено телото на убиената Вања Ѓорчевска (14), но и времето кога е опожарено возилото.

– Во 07:55 две возила кои го извршиле грабнувањето и убиството на Вања поминуваат низ улицата број 1 во населба Визбегово. Анализирајќи ги снимките, се забележува дека во возилото „Ситроен“ каде што според сомневањата била Вања, освен шоферот, има уште еден човек на совозачкото место. Двајцата носат црни капи, а задниот дел на возилото е празен. Друг битен детал забележавме во багажот на возилото, бел објект што наликува на вреќа, објавено е во видеото.

Населбата Визбегово се поврзува со селото Бразда, каде што и беше пронајдено телото на Вања Ѓорчевска.

– Во 09:37 часот. После еден час и 37 минути возилото е запалено. Чадот доаѓа од истиот правец од каде што е најдено опожареното возило, кое што не е далеку од локацијата каде што е пронајдено и телото. Останува да се објасни како и кога е убиена Вања Ѓорчевска. Дали била веќе мртва кога стигнале во Бразда или е убиена откако осомничените ги фатило паника, како што велат институциите, објави Салиу во видеото кое го објави Portalix.mk.

Posted by Furkan Saliu on Wednesday, December 6, 2023