Случајот со убиствата на 14 годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74 годишниот Панче Жежовски од Велес, за кој се осомничен Љупчо Палевски – Палчо и неговата тричлена криминална група заедно со таткото на Вања, веќе неколку дена се топ тема во српските медиуми, кои започнаа безобразно и безобѕирно да шират шпекулации и непроверени информации во борбата за поголем тираж и поголема читаност.
Последните денови сме сведоци на тоа дека во српските медиуми се појавуваат ексклузивни информации за случајот кои многу веројатно немаат никаква врска со вистината и истите се непроверени и сензационалистички. И ако досега ваквите таблоидни вести беа пред се објавувани на социјалната мрежа Твитер, сега истите ги објавуваат и познати и тиражни српски медиуми, како што утрово е случај со медиумот Ало.рс.
Имено, српски „Ало“, утрово повикувајќи се на некои свои извори „пишувања на медиуми“ објави дека Вања наводно не била единствената мета, односно дека „голема била веројатноста“ дека „таткото од Северна Македонија планирал да ги киднапира двете ќерки?“. Во текстот се додава и дека осомничениот за убиството на Вања, Палевски Палчо, имал канцеларија во зградата каде што живеело девојчето.
Според Ало.рс, Палевски наводно со години имал канцеларија на поткровјето на зградата каде живеела Вања со мајка ѝ и сестра ѝ. Палевски, како што се наведува во текстот, бил добар со дедото на девојчето (веројатно се мисли во минатото, бидејќи дедото е одамна починат) па дури и наводно тесно соработувал со него бидејќи дедото на Вања бил директор на царина.
– Дедото на Вања купил стан во зградата што ја изградил Палевски. Станува збор за зградата во која Вања живеела со мајка ѝ и сестра ѝ до последниот ден, пред киднапирањето – вели изворот и додава дека Палевски со години ја имал својата канцеларија на поткровјето на зградата.