27.11.2023 – Понеделник. Пет часот утрината. Осомничените полнат бензин во канта во близина на партиското седиште на Десна. Бензин кој подоцна ќе го искористат за палењето на Циторенот за да ги сокријат трагите од злосторството, кое ќе го направат околу два часа подоцна.
А, кантата со бензин е и индиција дека опожарувањето на возилото било планирано.
И Цитроенот и Реното Кангу, кое е дадено од членови на Десна на користење за потребите на партијата ги има на камерите на Сејф сити. Доаѓаат од различни страни и се состануваат, пред да заминат во Дебар Маало на улицата Наум Наумовски Борче каде живее Вања.
7:27 часот
Вања го напушта станот. Станот чие име го носи нејзиниот татко Александар. Тој е сопственикот запишан на имотниот лист. А и станот во кој живее во центарот на градот од 80 квадрати е негов. Александар, според исказите на осомничените му јавил на Љупчо Палевски Палчо кога неговата ќерка ќе излезе од дома и дека ќе биде сама.
Вања е грабната е во внатрешноста на влезот на зградата. Добро позната на Палевски. Неговата фирма ја изградила. Помошни простории од 106 метри квадратни се уште се на името на УПА Ентерпрајс.
Вања ја врзуваат за раце и нозе. Ја ставаат во вреќа за спиење. Потоа во багажникот на Цитроенот, и се упатуваат кон селото Бразда.
Киднапирањето е планирано затоа што грабнувачите со себе имале вреќа, леплива лента и средства на врзување на рацете и нозете. Цитроенот го обезбедиле од убиениот велешанец Панче Жежовски неколку дена порано на 22 ноември.
Порталикс објави видео на кое се гледа Циторенот. Времето е 7:55 минути. Ако часовникот е точен, толку време отприлика е потребно да се стигне од центарот на Скопје до Визбегово за време на утринскиот шпиц.
Тоа укажува и дека осомничените би требало веднаш по грабнувањето да се упатат натаму.
Пред Цитроенот вози бело Рено Кангу, во кое, според сведочењата на осомничените киднапери, се вози Љупчо Палевски Палчо.
Оттаму, до последната дестинација во атарот на скопското село Бразда има уште околу 20 минути возење. Што значи дека на локацијата пристигнале околу 8:15 минути.
Според снимката што ја објави Порталикс, во 9:37 се гледа чад во правецот каде што беше опожарен Цитроенот. Девојчето, според осомничените, било убиено околу 10 часот.
Кој е патот по кој возеле Цитроенот и Реното Кангу до местото на злосторството.
Предистрагата ќе покаже дека од грабнувањето на Вања, осомничените директно се упатиле кон атарот на селото Бразда. Од Дебар Маало најпрвин се упатуваат накај Партизанска, кај Силбо базните станици последен пат го фаќаат сигналот на телефонот на Вања. Оттаму возат накај хотелот Александар Палас. Сообраќајниот шпиц е во полн ек.
На кружниот тек вртат десно и се упатуваат накај Качанички пат. Кратко возат по нерамниот пат. Зоната позната по голем број на фирми ја оставаат зад себе и навлегуваат во Визбегово. На излезот од населбата се фатени на камерите од сервис за авто делови. Црквата свети Атанасиј е препознатливиот знак кој докажува дека навистина возилата поминале тука.
Каливиот пат не е ништо во споредба со оној што ги чека на крајот. Депонијата Шуто оризари е веднаш по авто сервисите и води накај истоимената населба. Но, само на нејзиниот раб, бидејќи осомничените имаат друга цел. Патот е еден и следното населено место е селото Горно Оризари. Мало е и не е многу раздвижено.
За разлика од соседното Бразда. Но, возилата не стигнале сред село. Свртеле лево на патот кој што води во близина на уште една црква- Богородица и рудник за камен. Тие и се единствените објекти кои директно сведочат на чинот на палење на возилото, бидејќи се наоѓаат високо на ридот.
Сепак на Циторенот и Реното крајната дестинација не им е во тој правец. Скршнуваат. Асфалтот го заменуваат со земјен и калив пат. Цивилизација овде речиси и нема. Престанува со пречистителната станица. Реката и неприметниот мост низ која се поминува е предзнак дека се работи за плодна почва.
И токму на огромното пространство земјиште покрај самиот импровизиран пат на една од ливадите се остатоците од опожарениот Цитроен. Видливи за секој што ќе помине оттаму. Но, само тракторите се единствениот сообраќај кои и се најпогодни да се стигне до нивите.
На прсти го знае Палевски пределот. Познат му е прилично теренот, а неговото семејство поседувало и земјиште таму. Беа коментарите на мештаните на Бразда кои не сакаат да застанат пред камера. Палевски потекнува од тој крај, но од селото Глуво.
Го знаат и во Бразда и ќе речат „знаевме дека е преварант, но зошто ни направи вакво нешто?“ Исплашени се и воопшто не им е пријатно да поминуваат сега оттаму. Но, друг пат до нивните нема. Не сакаат ни да замислат што ќе се случело да ги затекнале осомничените тоа утро.
А тоа утро часови поминувале. Цитроенот горел. Не го пронашле мештаните, туку полицајци од полициското одделение Мирковци при патрола во 15:40 минути. Тоа нема да биде единствената пријава. И комунална инспекторка при работна обиколка ќе го забележи возилото. Кога го виделе мештаните возилото како полицијата го пренесува низ селото не помислиле на најлошото.
Возилото е клучно за МВР да дојде до сознанието дека исчезнувањето на велешанецот Панче Жежовски на Вања се поврзани. По неговото опожарување, осомничените, според нашите сознанија, повторно се вратиле по истиот пат преку Бразда накај Горно Оризари. Но, не влегле во селото, туку продолжиле по импровизиран пат. Таму се упатиле со една цел, да го закопаат телото на Вања.
Телото е закопано на ридот кој е на иста воздушна линија со местото во атарот на селото Бразда каде е запален Цитроенот. Не се гледа нивата оттаму, но чадот тогаш бил видлив.
Видливо е и неодамнешното присуство на луѓе тука. Има свежи отпушоци од цигари, отпечатоци од кондури, а и отпадоци со рок на траење до 15 декември кои докажуваат дека група на луѓе била присутна на местото.
Два пиштоли се најдени. Се уште не се знае дали се поврзани со убиствата. Од Палевски на 5 мај годинава во непосредна близина на тунели Демир Капија-Јаворица е одземен пиштол Валтер калибар 9 мм, кој го носел без дозвола. Тогаш тој според записникот на полицијата бил во друштво со останатите тројца осомничени.
Мотивот засега е продаден стан од страна на мајката на Вања, Зорица во Капиштец, а според сознанијата на КОД, се претпоставува и за уште 4 нејзини станови. Дали навистина тоа е позадината и другите детали ќе треба да ги каже креаторот и планер, главeн координатор и директен извршител Љупчо Палевски Палчо кој избега во Турција, но неговите денови до враќањето во Скопје и соочување со правдата сепак се одбројани.