Министерството за правда информираше дека главниот јавен обвинител од Баликесир определил 40 дена екстрадициски притвор за Љупчо Палевски.
Амбасадата на Република Северна Македонија во Анкара испратила допис до Министерството за правда во кој информира дека доставува добиена Нота од МНР на Република Турција.
„Како одговор на Нотата доставена од Амбасадата на РСМ во Анкара од 06.12.2023 година, со која информираат дека врз основа на дописот добиен од Канцеларијата на главниот јавен обвинител Баликесир, определен е екстрадициски притвор за Љупчо Палевски, во траење од 40 дена“, се вели во соопштението од Министерството за правда.
– Турција брзо ќе го врати Палчо во Македонија само ако домашните правосудни органи на колегите им испратат цврсти докази дека тој убил две лица, во спротивно, Палевски можеби и никогаш нема да го стигне правдата кај нас. Освен исказите на осомничената банда која го посочува како убиец, Турците очекуваат и материјални докази односно резултатите од обдукцијата и причината за смрт, објавува порталот Скопје Инфо.
Може ли Ердоган да има барање за „ѓуленистите“?
Претседателот на државата Стево Пендаровски размислува во следните денови да испрати порака до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за екстрадицијата на Љупчо Палевски, првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, да се случи побрзо. Пендаровски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 вели дека не треба да се дозволи процесот да трае предолго.
На прашањето дали е можно да има одолговлекување од турска страна, поврзано со барањата на Трција за испорака на припадници на Фето од Северна Македонија, претседателот рече дека лично до него од Ердоган во 2019 г. дошло такво барање како услов за Турција да го ратификува протоколот за пристапување на земјава во НАТО.
-Му ја објаснив ситуацијата на претседателот Ердоган од сите аспекти, вклучувајќи го и неспорниот факт дека ние сакаме да станеме членка на Алијансата во која има и други прилично моќни држави кои кон нас испорачуваат сосема спротивни барања, дека ако тоа и тоа се случи ќе имате проблеми од друг тип со други ратификации во истиот процес на пристапување. Ердоган совршено ме разбра и наредниот ден координаторот во турскиот парламент од неговата пратеничка група доби задача и во 24 часа ја ратификуваа таа спогодба, без воопшто да има барања во однос на тие 15 лица нешто конкретно. Иако во тоа време нашето МНР даде дециден одговор дека значаен дел од тие лица не се на наша територија, а за другите до таа бројка од 15 побара дополнителнн аргументи дека станува збор за припадници на терористичка акција, рече Пендаровски.
Претседателот додаде и дека според информациите од разузнавачки карактер кои тој ги добива, најголем дел т.н. „ѓуленисти“ не се повеќе во земјава.
-Досега тоа не било покренато на ниедно ниво, инаку нема потреба да имате ваков случај за тоа прашање да се покрене. Турските власти знаеја во тој период и по други поводи да го покренуваат. До овој момент до мене не е дојдено такво барање, вели Пендаровски.