На селските гробишта во Бадовинци е погребана Даниела П.(18), која вчера им подлегна на повредите по тешката сообраќајна несреќа на 15 октомври. Несреќното девојче ќе почива покрај нејзиниот татко Радиша (48) кој загина кобната ноќ на местото на несреќата кога БМВ-то што го управувала неговата ќерка излетало од патот и удрило во дрво.
Раскината од болката за трагичната смрт на најстарата ќерка, мајката Марија ги прегрна и ги утеши своите помали ќерки Наташа и Александра. Во тажната поворка која ја испрати младата девојка во вечниот одмор се слушаше липање и плач.
„Голема тага, што друго да се каже. Заврши училиште, само што порасна, го имаше животот пред себе. Сите во селото се молевме да закрепне, но за жал повредите биле тешки. Татко и починал на лице место, а таа два месеци се борела да преживее“, изјавил сосед за Мачва прес.
По несреќата Даниела била хоспитализирана во Шабачката болница, а потоа и во Клиничкиот центар во Белград, од каде е вратена во Шабац. Не се разбудила од кома, само неколку пати отсутно ги отворила очите и пуштила солза кога мајка и и сестрите дошле на гости.
Прашувајќи се како мајката и двете ќерки ќе продолжат сами да се борат низ животот по големата семејна трагедија, мештаните велат дека секогаш живееле скромно, мачејќи се да заработат дневница, а Радиша како глава на куќата несебично се трудел да ги води своите ќерки на вистинскиот пат и овозможи неговата сопруга да се лекува од болест која беше откриена минатата година.
„Тој се грижеше за своето семејство иако како дете живееше во сиропиталишта и никогаш не почувствува вистинска родителска љубов. Најмногу се промени откако се ожени и имаше ќерки. Го сакаа во селото затоа што беше добар човек, скромен, малку срамежлив, а пријателите најмногу му помогнаа кога му најдоа работа на градилиште во Германија. Благодарение на тоа, како што велат, застана на нозе“, велат во селото.
Испратил пари дома од Германија на децата и сопругата и купил парцела на која сакал да изгради куќа. Трагедијата ноќта на 15 октомври, при враќање дома од свадба на близок роднина во Богатиќ, ги прекина плановите за подобра иднина.
Ѝ дал на ќерка му да вози
Откако се напил малку повеќе на свадбата, Радиша ја пуштил ќерка си да вози иако сè уште не го положила возачкиот испит. Моќниот автомобил излетал од патот во кривина, удрил во дрво и се преполовил. Безживотното тело на Радиша го извлекле пожарникарите, а неговата ќерка Даниела во несвест била пренесена во болница.
„Кога почина Радиша, многу луѓе помогнаа во погребот. Од се срце помогнаа луѓето од селото, пријателите од странство, како и локалната заедница. Се собираа пари не само за достоинствен погреб на Радиша, туку и за грижа за неговото семејство. Тогаш во селото слушнаа дека би било убаво да се изгради куќа на парцелата што ја купил, бидејќи немаат своја и живеат под кирија“, вели близок пријател на семејството.